Напис

Резолуција за целокупна и независна Македонија од мешовита комисија составена од Руси, Македонци, Бугари и Срби во 1915г.

Угледното руско престолничко Друштво за словенска заемна помош во 1915 година формира десетчлена комисија за да подготви резолуција за македонското прашање т.е. за иднината на насилно поделената и окупирана Македонија. Комисијата е составена од четворица претставници Руси и по двајца Македонци, Срби и Бугари.

Работата на комисијата се одвивала во многу сложени услови со оглед на геополитичката ориентација на Русија во тоа време, при штотуку започнатата Прва светска војна, и при отворена поддршка на влијателни организации во Русија кои ги пропагирале експанзионистичките интереси претежно на Бугарија, но и на Србија, наспроти националните интереси на македонскиот народ.

На 8 јуни 1915 година, Комисијата поднелa „Резолуција за македонското прашање примена од Специјалната Комисија на Советот на Друштвото на словенска заемна помош“.

Комисијата информира дека го подложила на „внимателно разгледување прашањето за судбината на Македонија и откако ислуша низа реферати по ова прашање од Руси и од преставници на заинтересираните словенски народности: Македонци, Срби и Бугари“, дошла до заклучоци формулирани во шест точки кoишто ги даваме на увид:

1). Најправилно решение на прашањето би било образување на целокупна независна Македонија преку одделување на деловите на Македонија од Србија, Грција и Бугарија што (тие држави) ги одзеле во 1913 година. По тој пат, од раскинатата на три дела многустрадална земја најпосле ќе биде создадена единствена целосна држава што ќе може слободно да се развива во рамките на самостојното постоење.

2). Ваквото решение на прашањето, не засегнувајќи го ни српското ни бугарското, ни грчкото самољубие, им одговара на огнените желби на македонскиот народ и не им противречи на широките животни интереси на соседните држави.

3). Од Руско и од општословенско гледиште, образувањето на самостојна Македонија што би му ставила крај на толку фаталниот српско-бугарско-грчки раздор треба да биде поздравено како единствен можен излез од создадената положба.

4). Русија, којашто ја докажа својата апсолутна некористољубивост во сите прашања сврзани со судбината на родствените со неа словенски, а исто така и со сите балкански народи, и сега се стреми само кон една цел: кон воспоставување мир и спокојство на Балканскиот Полуостров и кон создавање балкански блок како надежен бедем против германскиот притисок.

5). Комисијата при Друштвото за словенска заемна помош уверува дека и Грција од своја страна нема да пропушти да го земе бараното учество во толку соодветото дело за нејзините животни интереси за создавање здрави основи за заедничка културна соработка на Балканскиот Полуостров, отстапувајќи го во полза на идната македонска држава заземениот нејзин дел од македонското крајбрежје во замена за земјите што може да ѝ бидат дадени при поделбата на Отоманската Држава.

6). Комисијата смета дека навременото разрешување на македонското прашање врз овде набележаните основи и, посебно, навремената спогодба по ова прашање, уште на почетокот на светската војна, помеѓу Бугарија и Србија, би го отстраниле отстапувањето на приморските австриски области со јужнословенско население на Италија, коешто инаку стана неопходно, но од словенско гледиште достојно за сожалување.