Зошто не треба да те интересира судбината на Артан Груби
Да повториме: она за што зборувате меѓусебно за да се осеќате „политички активни“ ви го сервира произволно собрана збирштина на пропалици (околу 100-300 души), составена од „новинари“, „аналитичари“, „новински дескови“, „политичари“ и „инфлуенсери“. Никој не ги координира и планира, тие само сакаат да истераат уште еден ден (една пријателка велеше „купи ден продај“) на кој ќе си го задржат местото помеѓу 300та. Ти, читателу, ниту имаш корист ниту влијание од она што ќе му се случи на Артан Груби.

Артан Груби нема никакво влијание врз твојот живот. Да, бил своевремено политичар, извршувал државни функции, и најверојатно никогаш не сработел ништо за што не бил платен од даночниот обврзник - и најверојатно е пропалица.
Но не - ти никогаш не си го гласал, ниту си имал влијание врз неговиот избор за било која функција која што тој ја извршувал, ниту си имал некаква директна штета или бенефит од квалитетот на извршување на неговите задачи.
За повеќето од нас, Артан Груби е АРХЕТИП на човек, а не некој специфичен човек. Тој е политичар кој некако има моќ, поразително е просечен, апсолутно корумпиран - иако никој од нас ниту некогаш го избрал ниту некогаш дошол во допир со неговата активност.
Затоа Артан Груби е корисен како дијалектичка чивија: Ти што мислиш за Груби? „Брату, Нежни треба да легне во затвор!“. „Сите што украле како него треба да се осудат!“. „За ќебапи се лежи затвор, Груби го испратија дома!“. Ми ја разбирате поентата.
Од секој се бара да има мислење по повод оваа, најнова тема за политичка дискусија во Северџанистан. Како мислиш - НЕМАШ МИСЛЕЊЕ околу „аферата Груби“? Па ти човек следиш ли нешто? Зоон политикон си или само зоон?
Вистината е дека секаква дискусија околу целиот случај е бесполезна. Груби мистериозно го снема едно време - па беше дискусија неколку дена. После мистериозно се појави на граница - пак ќе биде дискусија неколку дена. Сите ќе се чувствуваме дека нешто „правиме“ за да стане Северџанистан (седнат на вратот на Македонија) подобра држава. Но во реалност тоа не го правиме.
Твоето мислење, дури и ако е напишано јавно на социјални медиуми, нема политичко влијание. Пошто, прво - не си ангажиран политички никаде. Второ - пошто и да си ангажиран некаде, не го кажуваш таму тоа мислење, туку се „тушиш“ на интернет. Затоа што, искажување мислење спротивно на партијата каде што си „активен“ е еднакво на политичко самоубиство, и немаш никаков бенефит од тоа, само што ќе си ги изгубиш привилегиите што ги добиваш со штаботомија.
Објективно, освен тоа што си правиш филм дека „не преќути“, реално друга корист од „тушење“ на интернет нема. Затоа, што ќе се случи со Артан Груби не треба да те преокупира.
А што треба да те преокупира?
Едноставно: она што се случува со Артан Груби овие денови не е ниту единствено, ниту надвор од нормалата, ниту невообичаено. Големи се шансите да ти се случило или тебе или на некој близок до тебе. Ако не си бил сведок на судска корупција врз тебе, тогаш сигурно си бил сведок на корупција на некој близок до тебе.
Еве на пример во мојот живот, јас бев на суд приморан да платам исмислена фактура од јавно претпријатие иако тоа не можеше да покаже дека ништо од законските обврски кои си ги има превземено кон мене не ги исполнило. Едноставно фатија еден морон (судија Александар Илиевски од Битола) кој го направиле судија со 6-месечен курс и тој „пресуди“ во полза на државата, таа која го постави за судија.
Друг пример: инвестирам во земјиште каде сакам да градам канцеларија. Плаќам комуналии, ги исполнувам сите услови. Државата скоро 15 години не гради пристап до парцелата и кога јас финално ја тужам за тоа - уште еден морон судија во Битолскиот Суд досудува дека државата НЕМАЛА ОБВРСКА да обезбеди пристап до парцелата, пошто купопродажниот договор и договорот за комуналии биле два различни договори.
Вакви работи, можеби не во суд (можеби чисто во односот со државната администрација) ни се случуваат на сите нам секој ден. И ги премолчуваме, преминуваме преку нив затоа што мислиме дека да се бори човек за правда во олкава жабокречина треба многу енергија, време и пари - што нормален човек кој работи за своето семејство едноставно ги нема.
Последен пример: Општина Битола сака да додели тендер за озвучување на манифестации на некој ѓуптин од Прилеп затоа што сака да казни мој роднина заради мојата политичка активност. Кога се фатени со паднати гаќи како местат услови на тендерска документација како во најлошите Бранкови времиња, ЛАЖАТ дека не платиле за озвучување туку добиле донација. Кога преку барање за јавен пристап до информации побарувам детали за донацијата, велат дека да се објави БЕНЕФАКТОРОТ што донирал ќе било повреда на неговата приватност! Внимавајте - имаме тајни донатори на државни органи.
Проблемот е дека секојдневно дозволуваме вакви работи да ни поминат неказнети. Дозволуваме луѓе кои се избрани од штаботоми очигледно и бесрамно да ги заобиколуваат и прекршуваат законите и прописите, и начелата на пристојност - и не правиме ништо во врска со тоа. И под тоа не мислам некоја специфична активност - МОЛЧИМЕ во јавност за сите овие работи. Продолжуваме да ги третираме луѓето кои не се ни срамат да прекршат секаков модикум на закон и пристојност - како луѓе. Преминуваме преку целата работа како ништо да не било.
Тоа е целта на душманот. Толку многу да ви покаже колку е во контрола на разрушените институции, не за да се осетите немоќно- туку да се осетите ОСАМЕНО.
Како вие да сте единствениот на кој целава оваа работа му пречи. Приморани сте да ги гледате вашите роднини и пријатели како продолжуваат да му се лигават на душманите и навистина се осеќате како единствениот на светот на кому ова му изгледа КАКО ФАРСА! Тоа е нивната цел и во тоа успеваат, затоа што сите молчите.
Само тој молк се акумулира. Запаѓате се подлабоко и подлабоко во апатија, во чувство на безизлезност и резигнација. Тоа ја гризе вашата душа и малку по малку ве отчовечува.
И затоа - за да имате барем малку чувство дека нешто правите: се ангажирате во дискусија за Артан Груби.
Артан Груби не е важен.
Важен е судијата-морон Александар Илиевски.
Важен е државниот штаботомски паразит Борче од Општина, или Тони Коњановски твојот градоначалник, или она гомце Пеце Милевски кој слушам голема ѕверка станал.
Престанете на таквите луѓе да им дозволувате да ви фрлаат превез преку очи. Така ќе си ја вратите државата.
Пошто до Артан Груби се стигнува преку илјадници Александровци, Борчиња, Пециња и Тониња.
