Напис

Религијата е за народот, не за свештенството

Свештенството на Македонската Православна Црква страда од “синдром на шалтерски работник“ иако нивната должност е многу поважна за квалитетен живот на еден верник отколку онаа на обичен шалтерски работник. Во последно време, мислам дека открив уште нешто што допринесува за таквиот впечаток.

Во минатото често сум ги критикувал свештениците на МПЦ (сега Прва Православна Црква на Северџанистан) за нивното однесување во црква:

„Ние сме нација што е многу перформативно богобојазна, ама не заради длабока духовност туку првенствено заради суеверен страв - што е одлично за црквата затоа што тие можат да се претставуваат како мистици и безгрешни и да си го живеат личниот сон за моќ и влијание над беззаби баби и полуписмени „верници“, слепи следбеници на незаработен авторитет.“ - сум напишал порано годинава.

„Попот не беше воопшто заинтересиран некако да ги ангажира присутните пред да почне да пее. Не го интересираше ниту да ни подобјасни на сите малку за ритуалот на кој сите присуствувавме, ниту кои се членовите на потесното семејство - ниту како се викал покојникот. Ниту ја искористи приликата што ете јас, посветен агностик, сум се нашол в црква па малку да ми направи една добра презентација на доблеста на богобојазноста.

Како учениче на приредба, попот беше заинтересиран само да изрецитира што требаше. Рециталот никако не беше персонализиран (всушност, 60% од времето попот се гледаше кон олтарот и беше свртен со грбот кон нас). Пола од тоа што беше кажано не го ни разбравме, бидејќи е доста некултурно некој да ти зборува со свртен грб, а можеби уште понекултурно е да пее со свртен грб. Осетивме како попот да му се обраќа на нацртаните светци наместо нам, на верниците од крв и месо (сосе нашите бесмртни души) дојдени за поука.“ - сум напишал во 2016та година.

Вистина е - во сите прилики кога сум бил во црква за некој обред, единствената константа е дека никој од свештениците никогаш не покажал никаков интерес да проповеда на верниците. Полошо од тоа, никој од нив не покажал напор пасусот што го чита од Библијата да биде разбирлив за насобраните верници. Најлошо од се, кај насобраните верници се осеќа дека не ни слушаат, затоа што неразбирливото мрморење на свештениците ги тера да се деангажираат од „ритуалот“ и да чекаат само тој перформативно да заврши.

Ова е катастрофална ситуација, и придонесува за отуѓување на верниците од Црквата, иако начелно таа „проповеда“ на нивни јазик. Сега некој ќе рече, па верниците ја имаат Библијата - нека си ја читаат директно па така нека ги научат поуките кои се наведени во неа.

Токму тука е проблемот. Барем во Македонската Православна Црква, дури и Библијата е направена да биде тешка за следење.

(Македонската) Библија е намерно тешка за читање

Насловот можеби ви се чини како тенденциозен, но како и секогаш - доаѓам наоружан со примери. Или поточно, со пример кој ја илустрира поентата.

Суштински, Библијата е книга напишана за секој. Нема потреба некој да ти ја преведува, нема потреба некој да ти ја објаснува - примарната цел на Библијата е да можеш сам да ја читаш и да ја разбираш.

Но, како и се друго во Македонија, (и пошироко во Источна Европа, или еве да речеме во источното православие), принципиелната моќ што луѓето ја приграбуваат е кога се поставуваат како посредник помеѓу човекот и нешто што природно нему му припаѓа. Таков е случајот со Библијата.

Може да се рече дека она што се случува со Библијата денес е скоро спротивно на оригиналната мисија на Св. Кирил и Методиј, кои ја преведоа оригиналната Библија (од грчки, латински, еврејски) на јазик разбирлив за „словенското“ население. Оттогаш, „словенското“ население се раслои, многу народи и наречја се одделија - но сепак, во секоја верзија на Библијата некако изгледа како свештенството се труди од петни жили да ја задржи мистиката, бојата и звукот на „старословенскиот“ јазик, кој за повеќето модерни луѓе е неразбирлив.

ТИМОТЕЈА 2:3

Пред некој ден, на некој општествен медиум ми прелета цитат од Библијата кој не ми беше познат, а некој со поголемо познавање од мене го извадил затоа што опишува време како ова низ кое живееме, со неверојатна прецизност. На англиски, тој пасус е читлив од обичен човек, напишан е со разговорен англиски и апсолутно се разбира. Еве го во целост:

„But mark this: There will be terrible times in the last days. People will be lovers of themselves, lovers of money, boastful, proud, abusive, disobedient to their parents, ungrateful, unholy, without love, unforgiving, slanderous, without self-control, brutal, not lovers of the good, treacherous, rash, conceited, lovers of pleasure rather than lovers of God— having a form of godliness but denying its power. Have nothing to do with such people.“

Директен превод на Македонски, по смисла и по значење, би одел некако вака (јас го преведувам директно):

„Но забележи го ова: Ќе има ужасни времиња во последните денови. Луѓето ќе бидат вљубени во себе, ќе љубат пари, ќе се фалбаџии, горделиви, злоупотребувачи, непослушни кон нивните родители, неблагодарни, безбожни, без љубов, тешко ќе простуваат, ќе озборуваат, ќе немаат самоконтрола, ќе бидат безмилосни, нема да се љубители на добрината, ќе бидат предавници, ќе избрзуваат, ќе се умислени, љубители на задоволство наместо љубители на Бог - ќе имаат еден вид на божественост но без да ја признаат неговата моќ. Немај ништо со такви луѓе.“

Мислам дека секој кој ќе го прочита овој пасус ќе го разбере и ќе види колку е автентична паралелата во овој текст, напишан пред повеќе од 2000 години, со тоа што се случува насекаде околу нас денес.

Што е проблемот со Библијата на Македонски тогаш? Еве го истиот пасус, онака како што се објавува во Македонски превод на Библијата:

„А ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња, зашто луѓето ќе бидат саможиви, среброљупци, самофалци, горделиви, хулители; непокорни на родителите, неблагодарни, несвети; без природна љубов, непомирливи, клеветници, невоздржани, жестоки, непријатели на доброто, предавници, избувливи, надуени, повеќе сластољубиви, а не богољубиви, кои имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се и од нив!“

Во суштина, напишаното е многу слично, и дури и некои зборови се подобро одбрани од мојот превод, но во принцип целиот пасус звучи „црковно“, „старословенски“ и користи застарени зборови кои на модерен човек би му биле нејасни. Сакав овој пасус да го споделам со моите пријатели на општествените мрежи, но кога го побарав во Библијата на Македонски, одеднаш не ми звучеше толку моќно и пророчки, затоа што изгледаше како пасус што свештеник би го прочитал на служба, а не нешто што треба да го применуваш во секојдневниот живот, и нешто што треба да има значење за тебе лично, како верник, во твојот нормален живот.

Тоа ме натера да мислам - и дојдов до заклучок дека она што се случува со религијата во Македонија ( а се сомневам и пошироко во православието) е дека свештенството врши одреден вид на gatekeeping (контрола) врз религијата и како верниците комуницираат со неа.

Црквата се поставува помеѓу верникот и Бог

Мојот заклучок, после некое време размислување на темава, и моите искуства со обредите и ритуалите на кои сум присуствувал во склоп на црковнатат служба - е дека мистиката, „посебниот“ јазик, специфичниот звук на Библијата што го има кога е преведена, не на разговорен Македонски јазик, туку во некој хибриден старословенски кој многу звучи како Македонски, но не е - тоа му дозволува на свештенството да се позиционира како посредник помеѓу верникот и Бог.

Тоа што ти, како обичен верник, не можеш толку лесно да го разбереш Светото Писмо не е проблем туку е причина зошто треба да бараш водство и совет од твојот духовен водач, кој природно е свештено лице во Црквата. Не може и не треба САМ да можеш да комуницираш со Господ, поарно тоа да го правиш преку Црквата, неговите претставници на земјата.

Ова писание не треба да се сфати како аргумент против постоење на Црквата. Тоа е јасно артикулирано во Библијата и никој христијанин нема основа тоа да го критикува. Ова е само обид да се анализира постоечката врска помеѓу црквата и верниците, и сериозна критика на тоа како таа општи со нив, и како го пренесува зборот на Бог до нив.

Библијата е скапоцен текст; во себе ја содржи комбинираната мудрост на неизмерниот број поколенија кои поминале пред таа да биде кодифицирана. И како таква, треба да ја доближиме до просечниот човек, а не да ја криеме позади архаични зборови, неразбирливи ритуали и непотребно комплицирани обреди.

Црквата е тука да ја олесни комуникацијата со Бог, а не да се турка помеѓу верникот и Господ.

Решение?

Како и се друго во Македонија, решението на овој проблем е во ангажирањето на секој од нас, поединечно, во секоја интеракција со Црквата - за подобрување на оваа ситуација.

Барајте од вашите свештеници поблизок однос, прашувајте за работи кои ви се нејасни, барајте водство од Библијата, а не од личното искуство на свештеникот. Кој пасус е тоа, оче? Каде има во Библијата тоа?

Свештениците и Црквата се луѓе, земска организација - и како такви се подложни на човечката природа. Можеме да им помогнеме да ја надминат и да не доведат и нас, и себеси - ултимативно поблиску до Бог.

Во коментари ќе оставам линкови до некои текстови кои порано сум ги пишувал за Црквата. Се се тоа критики од позиција на љубов, и желба да помогнам (иако можеби не звучат стално така). Црквата е наша, и како таква треба да си ја сфатиме.