Напис

Смртното загадување е лага

ПК
Петар Котевски@liderotминатата седмица

Квалитетот на воздух во Македонија е генерално ист или подобар од било кога во историјата на нејзиното постоење. Хистеријата што вештачки се создава околу него е комуњарска дијалектичка алатка за генерирање политички кризи и поларизација на ниско информирани граѓани. На паѓајте на ваква пропаганда.

Деновиве падна магла над повеќето градови во Македонија и се отежна струењето на воздухот, па како резултат се зголеми мирисот кој на времето го викавме „мирис на зимата“ и мерните апарати за мерење на загадувањето регистрираа повисоки концентрации.

Дежурните агитатори не смееја да си дозволат да пропуштат некоја прилика за агитација, па така почнаа да се организираат маршеви, протести и се активираа на социјални мрежи против „еретиците“ кои се осмелија, замислете, да погледнат на целава проблематика со загадувањето од рационална и логичка перспектива.

А која е таа перспектива?

Рационалната перспектива

Македонија има мерни станици за мерење на загадувањето од 1998 година. Пред тоа, мерења на загадувањето на воздухот постоеја, но не константни и добро тракирани.

Додатно, пред 1998 година, и генерално пред распаѓањето на Југославија, на територија на Македонија оперираа голем број фабрики од тешка индустрија, без соодветни мерки за намалување на нивното влијание врз животната средина - најпознат пример е топилницата за олово и цинк во Велес, која во своите 30 години на оперирање имаше добро документиран импакт врз здравствените исходи во и околу Велес, но и по вардарската долина се до Скопје. Ефектот на тоа тешко загадување е препознатлив до денешен ден, години после затворањето на топилницата.

Денес, индустријата во Македонија (онаа што остана) еволуира и нема повеќе толку тешки индустриски погони. Истовремено, регулативите за контрола на влијанието врз околината на помодерните фабрики диктираат нивниот отпечаток врз средината да се минимизира.

Истовремено, се зголеми бројот на возила по патиштата, но се намали и поединечниот удел на секое возило врз загадувањето, така да гледано во целина, денес во Македонија има историски најмал капацитет за загадување од домаќинства и индустрија.

Како тогаш денес има толкава хистерија околу загадувањето? Раскомотете се, ова ќе биде малку подолго.

Што мерат мерните единици?

Во 1998, кога беа инсталирани мерните единици во неколку градови во Македонија преку донација од Јапонската агенција за меѓународна соработка, критериумите за мерење беа јасни и базирани на наука, што оди некако вака:

1. Мерните единици мерат часовна концентрација на даден полутант

2. Од сите 24 часовни концентрации се пресметува средна вредност на крајот од денот

3. Таа средна дневна вредност се споредува со гранични вредности во табела, според која се проценува загадувањето измерено од дадена мерна единица.

4. Доколку таа средна вредност преминува некоја граница, и тоа се случува континуирано неколку дена (првобитната граница беше 5 дена), се прогласува состојба која кореспондира со нивото на загадување.

Како пример, да ја земеме концентрацијата на PM10 честички. Во текот на денот, можно е да се измерат часовни концентрации помеѓу 20 и 120, на пример (не ве замарам со мерни единици). На крајот од денот, се пресметува средната вредност на сите 24 измерени примероци, и таа испаѓа 38. Бидејќи таа вредност е помала од франичната вредност 50 - тој ден се смета дека воздухот НЕ БИЛ загаден, иако имало час-два-три во кои моменталната концентрација била повеќе од двојно поголема од граничната!

Зошто е битна средната дневна вредност, а не моменталната? Затоа што се работи за мерна единица на фиксна позиција, и е можно на краток рок да се зголеми ЛОКАЛНО концентрацијата, без тоа да има поширок ефект на поголема далечина од самата мерна единица. Со земање на средна дневна вредност, се зема во предвид континуираната концентрација на поголемо растојание во подолг временски рок. Со други зборови, ако стар раскапан камион помине покрај мерната станица, таа ќе бележи висока концентрација на PM честички во тој момент, но само 20 метри од мерната станица има драстично помала концентрација. Доколку високата концентрација се одржи во текот на цел ден, тогаш со поголема сигурност може да се тврди дека загаденоста не е локален феномен туку е конзистентна.

Вака беше мерена количината на загадување првите неколку години, додека агитаторите имаа полесни мети за агитација. Кога се расчисти војната со УЧК и кога државата влезе малку во ритам со кој почна да напредува и да се стабилизира, тие тогаш ги открија мерните станици.

Како ги манипулираа измерените вредности?

Прво што се најде на удар беше научниот метод според кој се мери загадувањето што го рапортира една мерна станица. Наместо средна дневна концентрација, и неколку последователни денови со висока средна дневна концентрација, почнаа да се појавуваат апликации кои тракираа ИСКЛУЧИВО МОМЕНТАЛНА ИЗМЕРЕНА ВРЕДНОСТ.

Тогаш за прв пат ги видовме „црвените крукчиња“!

Се гледа дури и на самиот екран - ова е вредност измерена во 8:00 часот. Со овие крукчиња, јарката црвена боја и неинформираноста на генералната популација за тоа што значи онаа бројка, почнаа сензационалистички наслови како:

Загадувањето во Скопје денес 20 пати над дозволеното!
Денес Куманово имаше двојно поголема загаденост од дозволената, воздухот токсичен!

Се сеќавате кога секој последен душебрижник ги постираше овие крукчиња, така? Никое од нив немаше никаква врска со вистинската загаденост, служеа само за скандализирање и за кревање на политичката температура во потрага на корисни идиоти за да им ја спроведат агендата.

Тогаш полека се помести следењето на квалитетот на воздухот од сајтот на Министерството за Животна Средина на некои апликации и сајтови направени од комуњарски активисти, кои го заменија научниот метод на мерење загадување со сензационалистички кругчиња во портокалево, црвено и пурпурно - за максимален психолошки ефект.

Па зарем немаше реално измерени повисоки вредности

Имаше, дури и по научниот метод. Постоеја денови кога навистина загадувањето што беше измерено ги надминуваше пропишаните граници. Ајде малку да поразговараме за тие граници.

Методологијата што ја искористија агитаторите тука беше да ја претстават граничната вредност (која за PM10 честички изнесува 50) како граница помеѓу живот и смрт, иако тоа е далеку од таква. Граничните вредности се одбрани на тој начин што покажуваат каде постои некакво влијание, без разлика колку мало, од загадувањето.

Да не се лажеме, мало надмашување, па дури и двојно надмашување преку таа магична граница најчесто значи 1 или 2 процени поголема шанса за некаква респираторна епизода. Со самото тоа што, според научно пресметаните граници, дозволено е секоја година 35 дена да има прекорачување на „безбедносната граница“, без некакви поголеми последици треба да ви каже дека границите се поставени каде што се за да служат како систем за рано известување, а не како индикација дека ако ја преминеш безбедната вредност одиш директно во смрт.

Се разбира, никој тоа не сакаше повеќе да го слушне, не во очи на сите црвени крукчиња, жалопојките на социјални медиуми за тоа како воздухот ги штипел очите, ги дразнел белите дробови и слични психосоматски фатаморгани, направени од хистеријата.

Настапува фамозниот AQI индекс

Кога европските бирократи намирисаја колку агитациски потенцијал има во наводното загадување на воздухот, воведоа нови начини на тракирање на загадувањето, затоа што премногу луѓе прелесно можеа да објаснат што се случува со средни против моментални вредности. Пресметката на AQI најчесто се базира врз моментални вредности, и се што таа пресметка направи е да ги скрие реално измерените вредности од индексот на загадување.

Со други зборови, ја замати математиката со која се доаѓаше до количеството на загадување од измерените вредности. Ова допринесе уште помалку луѓе да разберат како се мери и толкува загадувањето, така да денес ќе се помачите да пронајдете реално измерени вредности затоа што AQI индекси се насекаде.

Но и со тој индекс, вредностите се третираат како токсични кога во суштина се благо над „препорачаната вредност“. Кога веќе не знаеш како AQI станал 300, не ти останува ништо друго туку да судиш за поволноста на индексот според бојата со која е прикажан. Така, денес AQI од 200 е обоен со пурпурна, што претпоставувам значи инстант смрт.

За споредба одбрав три добро документирани настани од историјата каде загаденоста имала драматични ефекти врз здравјето на луѓето:

1. Маглата во Мејус долината (Белгија, 1930). За време на температурна инверзија и магла, загадувањето се зголемило толку многу што 63 луѓе умреле во два дена од респираторни компликации (10 пати поголема смртност од нормално), иако повеќето од луѓето поминале со минливи ефекти. AQI = 1000

2. Смогот во Донора (Пенсилванија, САД 1948). Исто магла и температурна инверзија. 7000 луѓе паднале болни со респираторни симтоми, 20 умреле веднаш, 50 подоцна но од поврзани симптоми. AQI = 30200

3. Големиот смог во Лондон (Велика Британија, 1952). Температурна инверзија го заглавува црниот смог од фабриките. 3500-4000 мртви за време или кратко потоа, и преку 100 илјади разболени. AQI = 4400

Заклучок - индексот со кој ве плашат треба да се зголеми едно 40 до 300 пати за да има некаков сериозен ефект. Со измерените вредности се што прават е дизајнирано да ве втурнат во паника.

Кој има корист да лаже и да втурнува луѓе во паника?

За ова добро да го објаснам, ќе треба овој веќе долг текст да стане двојно подолг, па така за комплетност само ќе кажам вака: На луѓето кои сакаат да создадат потенцијал за политичка промена им треба иницијална каписла, начин на кој ќе можат да ги агитираат широките народни маси до степен каде тие мислат дека се работи за нивната гола егзистенција, за живот или смрт.

Еднаш кога ќе се постигне тоа ниво на поларизација во општеството, се користи таа насобрана енергија и се пренасочува во политички цели кои немаат врска со воздухот ниту со нешто корисно за народот. Претходниот пат кога ве манипулираа со воздухот, политичката енергија што се насобра врз база на хистеријата за загадувањето беше искористена за да се спроведе идентитетскиот инжинеринг врз државата.

Комуњарите бараат вакви „чивија теми“ во општеството каде можат да ги изагитираат дел од населението, и да ги претстават луѓето кои не сакаат лесно да подлегнат на агитацијата како колаборатори, како релативизатори и како луѓе кои сакаат да си ги трујат децата.

Во принцип, треба да сте многу внимателни кога принципиелниот аргумент на некој човек се базира врз емоција, а не врз логика и факти. Со емоција не се решаваат проблеми, туку се агитираат луѓе.

Ова е само уште еден начин да се пренасочи енергија во политичка акција, најчесто некоја скриена и непозната за луѓето кои мислат дека само се борат за чист воздух.

Не дозволувајте да ве манипулираат.