На Велигден сум се замислил
Состојбата во црквата ни е огледало на состојбата во државата, и реално треба прво да си признаеме дека не знаеме како се гради таа на начин на кој ќе може да генерира достоинствени христијани и цврсти граѓани. Како што треба да ја поправиме државата, мораме да ја поправиме и црквата - а не да сме преокупирани со „смирение и обединување по секоја цена“
Како што стареам, се повеќе и повеќе големите религиозни празници ги осеќам како можност малку да размислам околу ситуацијата во која првенствено јас се наоѓам, потоа мојата блиска околина и конечно на светот.
Тоа ме носи на различни места - гледам и читам многу повеќе отколку што читав порано за човековата состојба и за улогата на религијата во секојдневниот живот на човекот. И по вторпат во животот ми се случува една интересна ситуација која не можам да си одговорам зошто постои.
Јас како млад заминав во странство сакајќи да се занимавам со работа која не постоеше во Македонија од касните 90ти. Не бев многу преокупиран со тоа КАДЕ ќе одам, сакав само да одам некаде каде ќе имам шанса да научам и да работам на работи кои мене ми беа интересни. И така, по многу перипетии завршив во САД, во една голема фирма во која имаше вработено многу постари и поискусни програмери од мене.
На состаноци често дискутиравме како да се направи нешто, како да се реши некој проблем. Јас не бев ниту необразуван, ниту нешто на состаноците имаше што го слушав за прв пат - но нешто сепак беше различно. На техничките состаноци, поискусните колеги користеа математички концепти, алатки и принципи кои ми беа познати (онака, бегло теоретски) на многу директен начин, како некои заклучоци да се подразбираа од самото постоење на такви алатки. Ќе се сложеа сите дека нешто следеше заради овој и овој математички принцип и ќе преминеа на следната фаза на решавање на проблемот. Само, мене ни ми беше јасно како тоа така природно „следеше“, ама бев доволно мудар да си поќутам на состаноците, и потоа да истражам зошто тоа навистина е така кога бев сам на компјутер.
Како резултат на тој процес, добив подлабоко и, да речам - покорисно разбирање на математиката. Почнав на математичките концепти да гледам како алатки за нешто да се постигне, а не како некоја теорија која ете, треба да се знае за човек да заврши факултет, и посуштински ги разбрав. И кога конечно стигнав до тој степен на разбирање, природно си го поставив прашањето:
„Зошто никој ова вака не ми го објасни досега?“
Истото го чувствувам сега со моите истражувања во човековата природа и во суштината на религијата. Напишав минатата година на Велигден дека многу малку дискусија има во нашето „духовно водство“ за принципиелното учење и доктрина на христијанската религија. Многу малку луѓе го разбираат духовниот аспект на распетието и воскреснувањето на Христос, и не гледам дека некој од поповите прави некаков свесен напор тоа да го промени.
Од луѓето се очекува да бидат перформантно религиозни, a истовремено да бидат мистицизирани од религијата (преку слепо следење попови и обреди). Од никој не се очекува да ја СФАТИ религиозната догма, туку само се бара слепо прифаќање со флоскули за смирение, богобојазност, обединување, кроткост и потчинетост.
Исто како што моите професори по математика на факултет ми ја мистицизираа математиката додека ми ги предаваа нејзините алгоритми и „обреди“, исто така Првата Православна Црква на Северџанистан ја мистицизираат религијата додека се осигуруваат дека верниците ги следат нејзините алгоритми и „обреди“.
Тоа ни е оставштина од „славјанството“, и своевидна инверзија на мисијата на Св. Кирил и Методиј. Како што имам веќе дискутирано во неколку наврати, иако номинално мисијата беше за да се доближи светото писмо и религиозната догма до народот, во принцип беше мисија на освојување верници (кои во тоа време беа најважното за освојување). Не можам денес а да не ги видам двете компоненти - да, денес можеме да го читаме и толкуваме светото писмо на мајчин јазик, но не, никој не се труди „премногу“ да го толкува, избирајќи наместо тоа да гради племенска „свест“ кај православните за бинарниот избор „или си христијански славјанин или не“, затоа што без разлика дали тоа ви е очигледно или не - денес не можеш да бидеш православен христијанин а да не бидеш „славјанин“ (барем за луѓето што зборуваат словенски јазик).
Она што ни овозможи да ја разбереме религијата ни обеси и своевиден синџир на вратот, и неодреденоста на „славјанството“ низ вековите, и различните политички интерпретации на тоа што значи да се биде „славјанин“, наместо да ја кристализираат религиозната догма и поуката на библијата помеѓу народот, намерно ја мистицизираа затоа што требаше да биде доволно флексибилна за да може политички да се адаптира за дадениот момент во историјата.
Со други зборови, од Византија наваму црквата ја игра политичката игра за да задржи релевантност и моќ, и од тоа денес (кога црквата повеќе не е реален политички играч) останала само мистификацијата кодирана во обредите и во безмалку автоматскиот систем според кој се пополнуваат редовите на клерот, што остана да биде политички и интригантски. Тоа можеме да го видиме насекаде, вклучувајќи ги и луѓето кои беа поставени за владици, митрополити и попови. Буквално, како и за сите други политички проекти, со текот на времето се изгуби секој критериум за станување свештеник, па денес имаме луѓе како Јован Вранишковски, Партениј, Пимен, Наум, Петар и слични пропалици како „духовни отци“.
Сега некој може да рече - па што има врска тоа? Секој може да си ја прочита Библијата сам за себе и да разбере, ама не е толку просто. Библијата е доста „густо“ четиво, полно со метафори и со меѓусебни врски кои не се очигледни само со наивно читање. Не е без причина факт дека луѓето до ден денес ја истражуваат и толкуваат Библијата - текстот има многу содржина во неа. И суштински, тоа е РАБОТАТА на црквата! Да го донесе и разјасни божното слово до секој верник.
Христијанството е всушност моќта на зборот, вистината и вербата. Забележете, тие се работите кои најмногу ни недостасуваат во општеството денес:
1. Храброста да се проговори збор
2. Потребата да се бори човек за вистината
3. Вербата во човекот, како суштество во слика на Бог
Верник, или еве помодерно - граѓанство, што суштински не ги разбира овие три основи постулати на христијанството не може да изгради цврста и праведна држава, едноставно ја нема моралната рамка за да знае како тоа се прави. Работа на духовните отци е да одгледуваат верници кои ја разбираат важноста на овие три работи, а не да одгледуваат овци кои слепо ќе следат мантија.
Состојбата во црквата ни е огледало на состојбата во државата, и реално треба прво да си признаеме дека не знаеме како се гради таа на начин на кој ќе може да генерира достоинствени христијани и цврсти граѓани. Како што треба да ја поправиме државата, мораме да ја поправиме и црквата - а не да сме преокупирани со „смирение и обединување по секоја цена“.
Не може нешто да биде морално, а да биде ПО СЕКОЈА ЦЕНА. Знаете каде го пишува тоа? ВО БИБЛИЈАТА!
Ова не значи дека се во црквата и државата е раскапано до пропаст. Ова само значи дека не треба да се помируваме со состојбата и треба, во вистински христијански дух, да се бориме да ја поправиме ситуацијата преку ангажман со институциите и поединците.
Кога Исус вели:
“Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва, и непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни. Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.“
..кога вели „кој го љуби некој повеќе од Мене“, тој не мисли дека треба некој да ја љуби религијата како концепт, црквата како нејзина инкарнација световна, обредите и ритуалите на црквата - туку зборува за љубов кон она што тој и неговиот татко го претставуваат: слободата (храброста да се зборува), вистината и вербата.
Мечот што тој го носи е мечот на храброст, вистина и верба - и е меч затоа што СО ТИЕ РАБОТИ НЕМА КОМПРОМИС. Вистинската суштина на неговата порака тука е: биди храбар, кажувај ја вистината и верувај дека тоа е исправно без разлика каква световна казна ти се заканува за тоа.
Затоа што само тоа ако го правиш си христијанин. Се друго е перформанс.
Житијата што го опишуваат животот на Исус го опишуваат токму ова. Кога секој верник ќе го разбира, тогаш ќе имаме и држава, и народ и достоинство.
Дотогаш, ритуалите, традициите и поздравите се само формални.
Сепак, Христос воскресна! Навистина воскресна.
