Напис

Фрустрациите на РАДИКАЛНА СРБИЈА и фантазиите на Водка Македонците

Пишува: Виктор Трифуновски

Фрустрациите на РАДИКАЛНА СРБИЈА, и фантазиите на Водка Македонците одат отприлика вака: Незадоволни од расплетот на настаните при распадот на СФРЈ, особено на воен план, РАДИКАЛНА Србија сонува за „Нов Свет“ без НИКАКВА Западна доминација. Хрватската Олуја, Дејтонскиот Договор, и Косово како држава, се неправди кои можат да се исправат само доколку со светот завладеат нови супер-сили, кои не учествувале (или не биле главен надворешен фактор) во креирањето на таквите „неправди“.

Понатаму, тој „Нов Свет“ би ги редефинирал, поништил или коригирал сите наведени неправди, и тоа баш во корист на Србија.

Затоа секој ден, на многу медиуми, подкасти, видеа, на сите можни социјални мрежи... Им се привидуваат распаѓања на Америка, умирања на Европа, мултиполарни светови, нови воени сојузи, свет без US долар, итн, итн... Со цел да добијат на сериозност, таквите илузии се засилуваат со изјави на интелектуалци и политичари од цел свет, чии цитати одат во корист на таквите илузии.

На сето тоа се додаваат (па и измислуваат) наводни историски паралели со кои дополнително би се потврдил „Новиот Свет“ (во српска корист, се разбира).

Дел од патриотската Македонија е комплетно маѓепсана, обземена, напалена од ваквата интелектуално-политичка авантура. Па според нив „Новиот Свет“ 100% ќе работел и во корист на Македонија... Односно ќе ги погазел истовремено и Македонските неправди, од Охридскиот Рамковен, преку Преспанскиот, па се до Францускиот Предлог.

Само БРИКС да стане доминантна сила, и ПУФФФ... ете ти ја „Србија до Токио“ а Македонија со старото уставно име, Кутлеш како официјално знаме, и само Македонски јазик и Македонци по институциите. Само „Клетиот Запад“ да влезе во „Втора лига“ на држави, и Македонија ќе се разбуди во Нов „Југословенски Сјај“ во кој сите ќе имаат работа, криминалците ќе бидат во затвор, ќе се одземе приватизираниот имот... Па дури и Бугарите ќе ги третираме како просјаци на семафор.

Ова хистерично навивање против Запад, на дел од Македонците, на сите можни полиња, е резултат токму на ваквото плитко, авантуристичко, и на моменти детинесто резонирање за настаните во светот.

Сите укажувања на грешките на ваквиот фанатизам, сите факти кои го потврдуваат спротивното, се пречекувани најчесто со старата удбашка девиза, преземена во последниве децении од Војо Шешељ: „Странски платеници, и домашни издајници“.

Македонија, како држава која едвај успева да се справи со најелементарни комунални проблеми, некако премногу се разбира од геополитика и геостратегија на големите сили... Па дури и суровини по цела планета, па тоа проектили со различен дострел, и слични мудрувања во тој стил.

ЛЕВИЦА како партија, е ирационална последица на сето ова за што пишувам, (нус)продукт на едно катастрофално резонирање, најлош можен револт против реалноста. ЛЕВИЦА е моментот кога нереалноста произведена од Радикална Србија, прекомпонирана во наводна македонска корист, се материјализира во Македонската Политичка реалност. ЛЕВИЦА е знак дека катастрофалните заблуди на дел од Македонците, се претворени во реален политички субјект (мал или голем, ќе видиме).

Да, светот се менува, ама Радикална Србија и Македонија воопшто не се компас кој го следат таквите промени.

Кој разбра, разбра

Извор: