Напис

МАКЕДОНЦИ БАРААТ ЗАШТИТА ОД АВСТРИСКИОТ ЦАР ЛЕОПОЛД I - 1690 г.

Пред 335 години - на 26 април 1690 г., во Виена била издадена Привилегија од императорот Леополд I Хабзбуршки (1640 - 1705) и Светото Римско Царство, до Македонците, со којашто круната го зела македонскиот народ под своја заштита, во период кога Македонија била под османлиска управа.

Привилегијата е објавена непосредно по задушувањето на македонското Карпошово востание од 1689 г.

Прогласот првпат е публикуван во книгата „Зборник на историски документи“ од Јован Радоњиќ (Книга I, Нови Сад, 1909, стр 52 - 53). Објавен е и во македонскиот научен труд „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава”, (Том 1, Скопје, 1981, стр. 158).

Императорот Леополд I, во прогласот, декларира:

- „Со ова известуваме дека двајца Македонци, Марко Карида, роден во Косана [Кожани] и Димитриј Георги Поповиќ, роден во Македонски Солун, ни изложија колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело, а со ревност кон нашата служба, со сериозна намера е подготвен да премине, поради преголемиот турски јарем, под наша заштита, доколку му биде дадена нашата милост и сигурно покровителство. Поради тоа согласно со нашата вродена добрина, милостиво го прифаќаме и го примаме под наша царска и кралска заштита, љубезно препорачувајќи им, поединечно и на сите наши воени заповедници, да не го напаѓаат споменатиот македонски народ, ниту да му причинуваат непријатности, туку според силите, секогаш и во секоја околност, да го заштитуваат, бранат и да му помагаат за таа цел. Воопшто, да му овозможат нему сигурност и увереност за да запазат повеќе наши царски и кралски права и слободи. Исто така допуштаме, со претходно знаење и согласност на нашиот тамошен главен командант, да се собираат во одред и одделно да дејствуваат или да се поврзат со нашите, за да можат така да имаат сила да се борат против заедничкиот непријател. За таа цел тие ќе се пријавуваат кај споменатиот командант, па според неговите наредби, со божја помош, нека ги чуваат нашите краишта за општо добро. Секој според силите да не пропушти во секоја околност да соработува. Дадено во Виена на 26 април 1690 година.

Документот е потврда за македонската посебност од крајот на 17. век и се наоѓа во Државниот архив во Виена.

Музејот на македонската борба за самостојност соопшти дека реконструкција и реплика од Привилегијата е изработена од македонскиот краснописец и професор по христијанска палеографија од Европската христијанска академија од Рига, Георги - Гоце Дуртаноски, кој заедно со македонскиот Музеј и во соработка со државните архиви од Виена и Скопје работат на негова презентација на македонската поширока јавност во блиска иднина.

Ваков вид документи (привилегии) за време на владеењето на Леополд I биле издавани за сите балкански народи поради политичкиот интерес на Австро-Унгарија за влијание на Балканскиот Полуостров, којшто тогаш бил во политичките граници на Отоманскиот Султанат.